Ѓоковиќ напушти интервју поради провокациите: Имате ли друго прашање освен за публиката?

Новак Ѓоковиќ повторно беше исвиркуван на тенискиот терен, овој пат од публиката која што го следеше неговиот меч против Руне на Вимблдон. Тоа како да не беше доволно, па британските медиуми денес додадоа „гориво на огнот“. По мечот со Руне, Ѓоковиќ одговараше на прашања на новинарите, а потоа имаше интервју за „Би-Би-Си“.

Се очекуваше овој разговор да помине во нормален тон, односно без провокации, но се чини дека тоа беше главната цел на новинарите на оваа медиумска куќа. Веднаш штом започна интервјуто, новинарот поставуваше само прашања за публиката, а не за убедливата победа на Ѓоковиќ.

„Како што кажав по мечот, им се заблагодарив на повеќето навивачи на стадионот и знам дека по цел ден гледање тенис не е лесно да се остане. Благодарен им сум.

Тие се и една од причините зошто сè уште сум тука и играм, публика која навистина ги цени играчите и напорите што ги имаме. Тие нè поддржуваат и јас го знам тоа, но кога публиката ќе ја помине „црвената линија“, тогаш реагирам. Не се каам за моите зборови или постапки на теренот“, изјави Ѓоковиќ.

„Како ги прилагодувате мислите и ставот кога се слушаат извици за непочитување од публиката, дали ве мотивира да играте подобро“, беше следното прашање, кое исто така немаше врска со завршениот дуел?

„Имате друго прашање освен публиката? Дали сте фокусирани само на тоа или има нешто друго во врска со мечот?“, запраша Србинот.

Интервјуто заврши така што на Ѓоковиќ практично му остана само да стане и да си замине.