Ѓоковиќ: Можеби мислат дека ќе ме пензионираат бидејќи главните ривали ми се повлекоа

Новак Ѓоковиќ беше елиминиран во полуфиналето на Ролан Гарос, откако загуби од Јаник Синер (3-0) на „Филип Шатрие“. По секој пораз веќе пракса стана Србинот да добива прашања за пензија и повлекување, па реши да даде свој одговор.

„Чест ми е што и натаму можам да се натпреварувам на високо ниво. Благодарен сум што можам да играм преку три часа со момчиња кои се 15 години помлади од мене. Нормално е да се поставува прашањето дали вреди да продолжам, ако не сум освоил Грен слем некое време. Можеби се зборува за пензија и бидејќи моите главни ривали веќе се повлекоа, па луѓето мислат дека ќе ме пензионираат и мене. 

Не можам да знам, можеби го одиграв последниот Ролан Гарос, бидејќи 12 месеци се стварно долг период во мојата фаза на кариерата. Сепак, сега се фокусирам на следните предизвици. Ќе направам мала пауза, а потоа фокусот е на Вимблдон. Мислам дека таму имам подобри шанси да ги победам најдобрите тенисери, отколку на други подлоги“, изјави Ѓоковиќ.

Српскиот тенисер последниот Грен слем трофеј го освои на УС Опен во 2023 година, во сезоната кога освои три од четирите најголеми турнири.

ФОТО/PHOTO: Roland-Garros/Twitter