„Ѓоковиќ може да го надмине Федерер по бројот на Грен слем титули“

Новак Ѓоковиќ во Њујорк ја освои својата 14-та Гренд Слем титула, а пред него се Рафаел Надал со 17 и Роџер Федерер со 20 титули. Поранешниот австралиски тенисер Тод Вудбриџ смета дека Ноле може да ги надмине големите ривали.

„Има 31 година, може да игра уште три или четири, со оглед на тоа како играат Федерер и Надал. Може да освои барем уште пет Грен слем титули. Секако, пред него има долг пат, но го знам неговиот потенцијал“, изјави Вудбриџ.

Тој мислел дека Ѓоковиќ ќе има голем пад, кога го гледал на Австралија Опен, но беше демантиран со триумфите на Вимблдон, Синсинати и УС Опен.

„Напредуваше во сите сегменти, посебно ментално. Се врати психички. Со оглед на кам-бекот и високото ниво на игра, на кое беше порано, мислам дека има реални шанси да ги надмине и Надал и Федерер по бројот на Грен слем титули“, заврши Вудбриџ.

Следниот настап на тениските терени, Ѓоковиќ ќе го има на егзибицискиот турнир во Чикаго на крајот на месецов, каде ќе биде во тимот на Европа заедно со Федерер, Зверев, Димитров, Гофан и Едмунд, додека тимот на светот ќе го сочинуваат Дел Потро, Андерсон, Иснер, Шварцман, Сок и Кирjиос.