• Горан Упале

Тешкиот пораз од Италијанецот Сонего во четвртфиналето во Виена е веќе минато за Новак Ѓоковиќ. Првиот рекет на светот и во самиот финиш од тениската сезона покажува дека е во одлична форма, а тоа на своја кожа го почувствува Диего Шварцман, на отворањето на групата А од завршниот Мастерс во Лондон.
Српскиот ас одигра моќна партија против најдобриот аргентински тенисер и заслужено со убедливи 2-0 во сетови славеше заслужена победа и ги впиша првите бодови на своето конто.
Почетокот на дуелот наговестуваше голема борба, пред сè затоа што Шварцман по загубениот сервис со ри-брејк се врати во игра (2-2), но кога беше најпотребно Ноле со нов брејк стигна до водство од 1-0 во сетови.
Во вториот сет пак, Србинот имаше целосна контрола и за само 38 минути се избори за 6-2 и за прва победа во Лондон. Во рамки од оваа група вечерва ќе се одигра уште еден натпревар, на кој Александар Зверев е благ фаворит против Русинот Медведев.