Ѓоковиќ мирен на врвот на АТП, „скок“ за две места на Циципас

И по Мастерсот во Мадрид нема поголеми измени во врвот на машкиот тенис. Новак Ѓоковиќ мирно го чува првото место, а веднаш зад него се големите ривали Рафаел Надал и Роџер Федерер. 

Најдобриот српски тенисер во историјата со вчерашниот триумф во шпанската престолнина си обезбеди лидерско место најмалку до почетокот на Вимблдон, додека во првата десетка најмногу напредуваше финалистот Стефанос Циципас. Одличниот турнир во Мадрид на Гркот му донесе скок за две места и сега е на седмата позиција, а пред него уште се Доминик Тием, Александар Зверев и Кеи Нишикори. 

Првата десетка ја затвораат Кевин Андерсон, Хуан Мартин Дел Потро и Марин Чилиќ. Најдобрите тенисери немаат време за одмор, затоа што оваа седмица започнува Мастерсот во Рим, кој ќе биде одбележан по враќањето на големиот Роџер Федерер.