Ѓоковиќ - Медведев епизода број десет: Србинот сака одмазда за УС Опен

Пред сè поради повредите кои ги мачат Рафаел Надал и Роџер Федерер, ривалството на Новак Ѓоковиќ и Данил Медведев прерасна во најголемо во светот на тенисот во моментов. Рускиот ас кој му се закануваше на Србинот за првото место на АТП ранкингот е константен, сигурен и вистински ривал кој е тежок да се победи. 

Двајцата најголеми фаворити на АТП турнирот од серијата 1.000, ги оправдаа очекувањата и стигнаа до финалето во Париз. Така, Ѓоковиќ и Медведев ќе ја имаат десеттата епизода во своето ривалство. За чудо, Србинот води само со 5-4 од претходните пресметки. Со сигурност најболен е поразот во Њујорк, во финалето на УС Опен. Медведев го спречи Ѓоковиќ да го освои и четвртиот Грен слем трофеј во една година, а првиот светски рекет ќе сака одмазда. 

Пресметката на Русинот и Србинот ќе биде трета оваа година, двајцата имаат по победа, во финалињата на Австралијан и УС Опен. Од 2017 година досега, се среќавале вкупно девет пати, а еве ги резултатите:

  • Меѓусебни пресметки на Ѓоковиќ и Медведев:

03.02.17 - Ѓоковиќ - Медведев 2-1 (Дејвис Куп)
30.06.17 - Ѓоковиќ - Медведев 2-0 (АТП Истбурн)
21.01.19 - Ѓоковиќ - Медведев 3-1 (Австралија Опен)
19.04.19 - Ѓоковиќ - Медведев 1-2 (АТП Монте Карло)
18.08.19 - Ѓоковиќ - Медведев 1-2 (АТП Синсинати)
11.01.20 - Ѓоковиќ - Медведев 2-1 (АТП Куп)
18.11.20 - Ѓоковиќ - Медведев​ 0-2 (финален АТП турнир)
21.02.21 - Ѓоковиќ - Медведев 3-0 (Австралија Опен)
12.09.21 - Ѓоковиќ - Медведев 0-3 (УС Опен)

Финалето на АТП турнирот во Париз ќе се одигра денес со почеток во 15:00 часот, Медведев ќе има шанса да го израмни меѓусебниот дуел, а Ѓоковиќ да се одмазди за поразот во Њујорк.