Ѓоковиќ: Ме однесоа во притвор како криминалец, но таму запознав прекрасни луѓе

Легендарниот тенисер Новак Ѓоковиќ зборуваше интервју за „Кориере дела сера“ и за првпат по подолго време комплетно „се отвори“ и искрено зборуваше за многу интересни и контроверзни теми од блиското и дамнешно минато. 

Тој особено се осврна на скандалот што се случи на Австралија Опен, а потоа зборуваше и за престојот во притвор каде мина една седмица. Ѓоковиќ вели дека искуството е непријатно, но таму сретнал и прекрасни луѓе, за кои е среќен што денес се на слобода. 

„Медиумите ме искористија како „жртвено јагне“. Јас тоа го знам и го разбирам. Влегов во Австралија со сите легални потребни документи. Не нарушив ниту еден закон и никогаш не сум бил анти-ваксер. Тоа што не се вакцинирав е само мој личен избор и никому „не солам памет“ што и како треба. На системот му беше потребна „мета“ за отстрел, и ме одбраа мене во моментот кога ми забранија влез во Австралија. 

Ме спроведоа во притвор каде што поминав цела недела. Таму имаше многу луѓе, некои од нив бегалци од војна кои биле затворени во Австралија. Запознав млад Сириец кој девет години бил таму. Замислете го тоа, девет години сте затворен во соба каде не можете да го отворите прозорецот. На следното одење на УС Опен ќе го побарам повторно тоа момче и ќе биде мој гостин. Чувствувам посебна поврзаност со него. Повеќето се денес на слобода и неизмерно сум среќен поради тоа“, изјави Ѓоковиќ. 

Најдобриот светски тенисер исто така рече дека бил разочаран од цензурирањето од медиуми како британскиот „Би-Би-Си“, кој не пренесувал негови изјави поврзани со вакцините и пандемијата. 

„Ми се превртува желудникот кога ќе чујам дека јас сум бил анти-ваксер. Целиот свет беше згрозен од појавата и вирусот, а јас испаднав единствен „лош“ човек што се противи на „мејнстримот“. Ме напаѓаа на сите можни начини, фалеше некој само дома со пушка да ми влезе. Сега сите сфаќаат дека приказната со пандемијата не беше таква како што ни ја претставуваа и Светската здравствена организација ќе има многу за објаснување. Јас прележав ковид, не заразив никого и ги почитував сите мерки, но тие имаа сосема друга агенда, а тоа го видовме и во Австралија“, заклучи легендарниот тенисер. 

Новак Ѓоковиќ годинава се врати во Австралија и го освои турнирот по десетти пат во кариерата и успеа да докаже дека сите притисоци кон него не влијаеле на неговата форма. Србинот прикажа феноменални партии, а во финалето беше подобар од Стефанос Циципас.