Ѓоковиќ: Кога бев мал си направив трофеј од Вимблдон, а денес...

Новак Ѓоковиќ го освои и третиот сезонски голем турнир. Шести пат го крена трофејот на Вимблдон, откако во финалето го победи Матео Беретини. Српскиот тенисер зборуваше за трофејот, му оддаде признание на Италијанецот за добрата игра и раскажа интересна приказна. 

„Ова беше повеќе од битка. Честитки до Матео на одличниот турнир, а и денес навистина тешкиот меч. Не е лесно да загубиш финале, но се надевам ќе игра во повеќе вакви дуели. Одлично напредува, верувам дека неговото време штотуку започна. Тој е одличен, има силни удари, вистински италијански „чекан“ и тоа пак го видов попладнево. 

Победата на Вимлбдон беше најголем сон како дете. Ова е навистина специјално. Уживам и знам дека ова е одлично признание. Јас како седмогодишно дете, си направив титула од Вимблдон импровизирајќи, а сега стојам тука со шестиот вистински трофеј...“, започна Новак. 

Не можеше да изостане прашањето за трофеите на Грен слем турнирите. Ѓоковиќ се израмни со Рафаел Надал и Роџер Федерер, а Србинот со пофални зборови се обрати на ривалите. Исто така, зборуваше и за можноста да дојде до календарскиот Грен слем ако победи на УС Опен. 

„Ова значи дека никој од тројцата нема да запре. Споменав многупати, морам да им признаам на Рафа и Роџер, тие се легенди на овој спорт. Тие се двајцата најголеми и најважни противници низ мојата кариера. Секако, морам да им се заблагодарам и ним што сум тука. Од нив гледав во кои сегменти треба да се подобрувам, бидејќи губев од нив на стартот. Сепак, од 2010 година ситуацијата се промени, па еве сме тука. Можам да кажам дека приказната не завршува.

Дефинитивно сакам да го освојам календарскиот Грен слем. Во добра форма сум, го играм најдобриот тенис на овие турнири и сакам така да продолжам“, заврши Ѓоковиќ.

Со третиот голем трофеј оваа година српскиот ас покажа дека игра во неверојатна форма, влезе во историјата и се израмни со останатите двајца од „големата тројка“. 

Најнови вести од
Вимблдон