Ѓоковиќ како на тренинг го „збриша“ Циципас и го освои Рим!

Новак Ѓоковиќ конечно слави трофеј оваа година. Во финалето на Мастерсот во Рим, српскиот тенисер го надигра Стефанос Циципас и со 2-0 во сетови (6-0, 7-5) го освои својот 38. Мастерс трофеј во кариерата.

Првиот рекет на светот, кој во саботата ја забележа јубилејната 1.000 победа во кариерата, имаше фуриозен старт на финалето. Никој не очекуваше српскиот ас да има таква доминација на терен, со оглед на одличната форма на противникот. 

20-кратниот грен слем освојувач одигра неверојатен прв сет и го „збриша“ Циципас со шест гема во низа. Играта на грчкиот тенисер се распадна уште во првиот гем, во кој на свој сервис не освои ниту еден поен, а ништо поразлично не беше ниту во останатите пет, па Ѓоковиќ заслужено се избори за водство од 1-0 во сетови.

Петтиот тенисер на светот брзо го заборави катастрофалниот прв сет и во вториот заигра далеку поангажирано и прв направи брејк. Во четвртиот сет одлично ја прочита играта на Ѓоковиќ и со само еден загубен поен поведе со 1-3. Гркот, брејк-предноста ја чуваше уште пет гема, откако Србинот возврати и намали на 4-5. Ѓоковиќ продолжи во ист ритам и не дозволи противникот да му зададе нов удар, па во тај-брејкот беше сигурен и со 7-5 стигна до посакуваната победа и првиот овосезонски трофеј од АТП турот.