Ѓоковиќ: Јас и Меси сме исти, ги остваривме соништата на крајот од кариерите

Новак Ѓоковиќ го оствари и последниот сон во пребогатата кариера и успеа да се закити со олимписко злато откако славеше над Карлос Алкараз во големото париско финале. По мечот, во свој стил даде неколку интересни изјави за медиумите. 

Српскиот ас прво изрази огромно задоволство од успехот и рече дека златниот медал го посветува на цела Србија, а потоа даде интересен коментар кога новинарите го споредија со легендарниот аргентински фудбалер, Лионел Меси. 

„Нема случајности. Јас и Меси сме иста генерација, па драго ми е што заедно жнееме успеси како што одминуваат годините. Интересно е што двајцата ги остваривме најголемите соништа во залезот на нашите кариери. Тоа е потврда за плодната работа и вложениот труд“, рече Ѓоковиќ. 

Потоа се осврна и на мечот против Алкараз, за кого повторно искажа пофални зборови, но во исто време не го криеше задоволството од големата победа. 

„Во Токио бев многу близу, ме делеа само два гема од големото финале, но тука во Париз отидов чекор понапред и конечно го остварив мојот најголем сон.

Карлос одигра феноменален меч, но мислам дека и тој чувствуваше голем притисок. Честитки за него, но јас сега одам да прославам со моето семејство“, рече најтрофејниот тенисер во историјата. 

Србија конечно се израдува на златен медал од тениските турнири на Олимписките игри. Новак Ѓоковиќ го победи Карлос Алкараз со 2-0, по сетови 7-6/3 и 7-6/2.