Ѓоковиќ искрен: Морам да му симнам капа на Тием, беше неверојатен! 

Новак Ѓоковиќ по голема борба, која траеше повеќе од два часа, во три сета загуби од Доминик Тием и не успеа по две одиграни кола да обезбеди полуфинале на завршниот Мастерс во Лондон. 

Српскиот ас по мечот спортски го призна поразот и изјави дека Тием беше подобриот противник и заслужено се радуваше на крај. 

„Заслужена победа. Играше многу храбар тенис, ја удираше топката најсилно што може. Цел меч го одигра во ист интензитет, беше неверојатен. Морам да му симнам капа и да му честитам за одиграниот меч и извојуваната победа. Не сум одиграл многу вакви мечеви, во кои противникот речиси на секој удар одеше на винер“, вели Ѓоковиќ. 

Со овој пораз Ѓоковиќ ќе мора да слави над големиот ривал Федерер, доколку сака да остане во игра за престижниот трофеј.