Ѓоковиќ: Имам здравствен проблем кој ме мачи со години!

Новак Ѓоковиќ откри дека здравствен проблем, дополнително влошен од високите температури и влажноста во Охајо, бил главната причина за неговиот пораз во второто коло на турнирот во Синсинати.

Српскиот тенисер беше елиминиран од Аргентинецот Тиаго Агустин Тиранте, кој направи големо изненадување и славеше со пресврт од 2-1 во сетови (2-6, 6-4, 6-4). Ѓоковиќ одлично го отвори мечот, но во текот на првиот сет почна да покажува знаци на физички проблеми, кои подоцна значително влијаеја врз неговата игра.

„Му честитам на противникот. За мене ова не беше пријатен натпревар поради начинот на кој се чувствував. Не ми се случува првпат, а веројатно нема да биде ни последен пат“, изјави Ѓоковиќ по натпреварот.

Трикратниот шампион во Синсинати објасни дека не станува збор само за адаптација по подолгата пауза по Вимблдон, туку за хроничен здравствен проблем со кој се соочува веќе неколку години.

„Имам здравствена состојба која ме мачи во последните неколку години. Таа предизвикува многу проблеми, особено кога времето е топло и влажноста е висока. Освен временските услови, тука се и нервозата и стресот од натпреварите, кои дополнително ја влошуваат ситуацијата“, истакна 39-годишниот тенисер.

И покрај раната елиминација, Ѓоковиќ останува еден од најуспешните играчи во историјата на турнирот во Синсинати, каде има скор од 45 победи и 13 порази и три освоени титули. Сепак, по завршувањето на настапот, српскиот ас призна дека не е сигурен дали повторно ќе игра на турнирот во Линднер Фемили Тенис Центарот, оставајќи отворена можност ова да бил негов последен настап во Синсинати.