• Зоран Мишевски

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ на прес-конференција во Мелбурн зборуваше за повредата која го натера да го предаде полуфиналниот меч на Австралија опен против Александар Зверев.
Новак ретко предава, но утрово повредата беше и повеќе од сериозна и немаше избор.
„Колку сум загрижен? Не удрив топче од мечот со Алкараз. Направив што можев за да го санирам скинатиот мускул. Употребив лекови, стегачи, физичка работа. Сето тоа донекаде помогна денес, но на крајот од првиот сет почувствував се повеќе и повеќе болки и беше премногу да продолжам.
Да го освоев сетот можеби и ќе се обидев повеќе. Ова е кинење на мускул. Пред две години успеав подобро да се справам со ваква повреда на теренот, тоа не ми пречеше толку многу. Сепак, овојпат тоа не беше случај. Ова не е првпат да се најдам во ваква ситуација. Повредата е најголемиот непријател на професионалниот спортист. Во минатото се справував со некои повреди кои ми помогнаа да играм подобро и да освојам турнири, но не беше така и денес.
Морам да направам повеќе истражувања. Кога ќе се вратам во Европа, ќе се сретнам со физиотерапевтите и медицинскиот тим и ќе видиме што е најдобро за мене да закрепнам што е можно побрзо.За неколку недели треба да играм во Доха, но дали ќе играм зависи од тоа колку брзо ќе закрепнам. Сакам да освојувам уште слемови и се додека имам чувство дека сакам да се борам со сето ова, ќе играм“, заврши Ѓоковиќ.
Eлиминацијата во полуфиналето нема да ја менува ситуацијата на Ѓоковиќ на АТП листата, бидејќи и лани стигна до полуфиналето.