Ѓоковиќ и Алкараз го надминаа легендарното финале меѓу Ѓоковиќ и Федерер

Финалето меѓу Новак Ѓоковиќ и Карлос Алкараз беше второто најгледано во историјата на Вимблдон на британско тло.

Британскиот јавен сервис „Би-Би-Си“ објави дека мечот меѓу Србинот и Шпанецот, во кој Алкараз победи по четири часа и 43 минути и пет сета, го следеле 11,3 милиони гледачи.

Ова ја надмина бројката од 9,6 милиони кои го следеа легендарниот дуел меѓу Новак Ѓоковиќ и Роџер Федерер во 2019 година. Првото место сè уште го држи финалето во 2013 година помеѓу Енди Мареј и Новак Ѓоковиќ, кое на телевизија го следеа над 17 милиони Британци.

Женското финале помеѓу Маркета Вондрушова и Онс Џабер го гледале 4,5 милиони луѓе, што е зголемување за 1,3 милиони во однос на минатогодишната пресметка меѓу Џабер и Рибакина.