Ѓоковиќ го „скока“ Вимблдон, но ќе настапи на Олимписките игри во Париз

Новак Ѓоковиќ успешно ја мина операцијата на менискусот и наскоро ќе се врати на полесни тренинзи, јавуваат повеќе европски медиуми. Српскиот ас се повлече од Ролан Гарос, но изгледа дека ќе му се оствари желбата за настап на Олимписките игри во Париз. 

Докторскиот тим предвидува дека Ѓоковиќ би можел да се врати за АТП турнирот во Хамбург, кој се игра од 13 до 21 јули, а тоа би била одлична увертира за Олимписките игри. Најмасовниот спортски настан во светот започнува на 26 јули, навивачите се надеваат дека нивниот миленик ќе биде фит за настап во Париз, но за конечната одлука ќе мора да се почека уште извесно време. 

„Л'Екип“ пишува дека Ѓоковиќ му открил на ракометарот Никола Карабатиќ дека сигурно нема да игра на Вимблдон, што значи дека во моментов фокусот му е само на рехабилитацијата и настапот на Олимписките игри. 

Новак Ѓоковиќ во кариерата има само еден бронзен медал од Олимписките игри, а сезонава неколку пати најавуваше дека би сакал да се закити со најсјајното одличје во Париз.