Ѓоковиќ го откри моментот кога знаеше дека ќе биде врвен тенисер

Новак Ѓоковиќ

Српскиот ас Новак Ѓоковиќ продолжува да чекори до рекордот на Роџер Федерер, кој засега стои на врвот кога се во прашање неделите на првото место на АТП листата. Промена на челната позиција, ако сè оди според планот на Србинот, се очекува да има март наредната година.

Ѓоковиќ важи за еден од најдобрите во историјата, а еден момент пред 12 години е најзаслужен за неговата голема самодоверба.

„Покрај Грен слем турнирите, завршниот турнир е веројатно најголемиот настан што го имаме во нашиот спорт. Тоа е веројатно крајниот предизвик во една сезона, соочување со најдобрите осум момци на годината. Имав среќа да го искусам финалето неколку пати во последните 10-15 години. Во 2008 година беше мојата прва победа во Шангај. Тоа беше последната година кога финалето на турнирот се одржуваше таму и тоа беше многу посебно за мене. Тоа вртоглаво ја зголеми мојата самодоверба и ми овозможи да верувам дека припаѓам на врвот во машката конкуренција со сите овие момци“, рече српскиот тенисер.

Ѓоковиќ пет пати се радувал на завршниот турнир во сезоната (2008, 2012, 2013, 2014, 2015), а и оваа година ќе биде меѓу најголемите фаворити за престижниот трофеј во Лондон.