Ѓоковиќ ги разочара тениските фанови од Кина

Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ преку социјалните мрежи објави дека нема да учествува на АТП Мастерсот од серијата 1.000 во Шангај, кој годинава се враќа во календарот за првпат по ковид-пандемијата.

„Со текот на годините ја добив најдобрата поддршка во Кина. Шангај отсекогаш бил еден од моите омилени турнири во сезоната. Ќе ми недостигаат моите фанови во Кина. Се надевам дека ќе се вратам во Кина во иднина“, објави Ѓоковиќ на Инстаграм.

Тоа беше очекувана одлука, со оглед на тоа што зад Ѓоковиќ е интензивен период во кој ги освои Мастерсот во Синсинати и УС Опен, а потоа ѝ се приклучи на Дејвис Куп репрезентацијата на Србија. Српскиот ас досега во Шангај освои четири титули.