Ѓоковиќ призна дека шетал заразен: Свесен сум дека погрешив...

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ е во центарот на спортската јавност поради случувањата во Австралија. Првиот светски рекет се соочува со проблеми за визата, бидејќи не е вакциниран против ковид-19, а „сапуницата“ уште нема своја разврска. 

Низ медиумите се појавија наводи дека Ѓоковиќ во текот на декември (период кога веројатно имал корона) присуствувал на неколку настани. Тоа го натера Србинот да излезе со официјално соопштение и да ја објасни ситуацијата. Според него, тој бил негативен на средбата со младите тенисер, но потврди дека бил заразен кога одржал интервју за францускиот медиум „Л'Екип“.

„Сакам да се обратам на јавноста за дезинформациите околу моите активности и настани во декември, кои претходеа на мојот позитивен ПЦР резултат за ковид-19. Овие дезинформации мора да бидат исправени, особено во интерес на пошироката заедница и мојот престој во Австралија. Ова е многу штетно и загрижувачки и за моето семејство.

Присуствував на кошаркарски натпревар во Белград на 14 декември, по што беше објавено дека многу луѓе од тој круг се позитивни. Јас немав симптоми, но на 16 декември направив брз антигенски тест кој покажа дека сум негативен. Истиот ден направив и официјален ПЦР тест. Следниот ден присуствував на тениски настан во Белград и делев награди на деца. Пред доаѓањето направив нов брз тест кој беше негативен. Се чувствував добро, а информацијата за позитивен резултат на ПЦР тестирањето ја добив по тој настан. 

Следниот ден, на 18 декември бев во својот тениски центар во Белград за да ги исполнам договорите кон француски „Л'Екип“. Ги откажав сите останати обврски освен тоа интервју, за кое чувствував обврска да го одработам, не сакав да ги изневерам новинарите. Сепак, се погрижив да одржувам социјална дистанца и носев маска во текот на целото интервју, со исклучок на времето кога ме сликаа. Веднаш потоа заминав дома за да се изолирам. Сега кога ќе размислам, беше грешка што го прифатив тоа интервју, требаше да ја одложам таа обврска“, заклучи Новак.

  • Целосното обраќање на Новак Ѓоковиќ:
 
 
 
 

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by Novak Djokovic (@djokernole)

Ѓоковиќ беше обвинет дека свесно го загрозил здравјето на многу млади момчиња и девојчиња на кои им делеше награди. Сепак, според тоа што го напиша тенисерот, тој бил негативен на средбата со нив. 

Разврската околу сагата на Ѓоковиќ во Австралија се очекува во наредните денови. Иако тој победи на суд и визата му беше вратена, сепак може да биде депортиран.