„Ѓоковиќ е помлад, но Надал ќе заврши со повеќе Грен слем титули...“

Надал Грен слем

Битката за титулата „најдобар на сите времиња“ продолжи и по паузата предизвикана од пандемијата. Новак Ѓоковиќ имаше неколку месеци за заборав. Најпрво заработи дисквалификација на УС Опен, а потоа беше декласиран во финалето на Ролан Гарос од Рафаел Надал.

Бројот на Грен слем трофеи е факторот кој ќе одлучува, кога ќе се зборува за најдобриот тенисер кој некогаш се појавил. Засега Надал и Федерер ја имаат предноста пред српскиот ас, кој заостанува со три титули.

Русинот Карен Хачанов смета дека на врвот кога сите ќе заминат во пензија ќе биде „бикот од Мајорка“.

„Јас би рекол Рафаел Надал. Тоа е мое лично мислење. Иако Новак Ѓоковиќ е помлад и многумина се обложуваат на него, јас ќе го изберам Надал“, вели рускиот тенисер.

Трката за врвот ќе продолжи во 2021 година. Првиот турнир како и секоја сезона е во Австралија, а ако сè оди според планот, големите ривали ќе се борат на дополнителни три Грен слем настани.