Ѓоковиќ: Циципас е новата тениска ѕвезда, во Мадрид бев најдобар оваа година

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ донесе нов трофеј во своите витрини, откако во финалето на Мастерс-турнирот во Мадрид го совлада Стефанос Циципас, во меч со два сета.

Прворангираниот тенисер на АТП-листата истакна дека е задоволен од прикажаното и вели дека во шпанската престолнина го одиграл најдобриот тенис оваа година.

„Задоволен сум од прикажаното. Имав важни победи за мојата самодоверба. Не играв баш најдобро по Австралијан Опен, така што се обидував да бидам што е можно подобар оваа седмица. Почнав добро, не загубив ниеден сет, така што мислам дека го играв можеби најдобриот тенис оваа година. Стефанос Циципас е новата тениска ѕвезда, пред него има светла иднина. Се надевам дека ќе имаме уште повеќе меѓусебни мечеви“, изјави Ѓоковиќ.

Поради триумфот во Мадрид, српскиот ас ќе добие и нови бодови на своето конто на светската тениска листа. За него ова беше трето прво место во шпанскиот град на турнирот на кој се игра на земјена подлога.