Ѓоковиќ чекори кон нов рекорд кој никогаш не го постигнале Надал и Федерер

Ѓоковиќ рекорди

Со една Грен слем и две Мастерс титули, Новак Ѓоковиќ убедливо стои на највисокото место на АТП листата.

До крајот на годината ќе се бори со Рафаел Надал да ја задржи челната позиција. Тоа ќе му донесе нов рекорд, кој никогаш не го постигнале неговите најголеми ривали. Ако ја заврши 2020 како прв светски рекет, Србинот ќе се израмни со Пит Сампрас. Американецот е единствен тенисер кој шест пати завршувал календарска година на првото место.

Поголема цел за Ѓоковиќ е да го достигне и надмине Федерер и неговата бројка на недели минати на врвот. Засега Швајцарецот го држи апсолутниот рекорд со 310 недели, а српскиот ас стои на 19 недели од неговото достигнување.

„Големата тројка“ го држи првото место на АТП листата од 2004 година до денес, со исклучок на 2016 година. Тогаш Енди Мареј одигра магична сезона и ја изненади конкуренцијата, освојувајќи девет титули, вклучувајќи еден Грен слем трофеј како и златен медал на Олимписките игри.