Ѓоковиќ брка совршенство и историја против Беретини во финалето на Вимблдон

Матео Беретини стои на патот на перфектната сезона на Новак Ѓоковиќ на Грен слем турнирите. Србинот се радуваше во Мелбурн и Париз, а сега атакува на успех и во Лондон.

Првиот фаворит на турнирот без големи проблеми се најде во мечот за титула. Загуби само еден сет, а потоа со 18 сета во низа се избори за големото финале. Последна пречка му беше талентираниот Денис Шаповалов кој немаше доволно искуство за да му направи проблеми во полуфиналето.

На спротивната страна е Италијанецот кој испиша историја со пласманот во завршниот дуел на овогодишниот Вимблдон. Сега сака да направи чекор напред и да стане првиот италијански тенисер со титула на најпрестижниот турнир во тенискиот свет. Тој имаше повеќе падови во играта на патот до финалето овој викенд, но очекува да биде на највисоко ниво против српскиот ас.

Ѓоковиќ е девет години постар од својот ривал. Статистиката од меѓусебните дуели е на негова страна. Тој победи на двата досегашни судири, последниот на Ролан Гарос оваа сезона.

Сервисот на Беретини ќе биде најголемата опасност за првиот светски рекет. Сепак, 19-кратниот Грен слем шампион има еден од најдобрите „ретерни“ во историјата, па ќе се надева дека тоа ќе му помогне да го достигне бројот на големи трофеи на Роџер Федерер и Рафаел Надал.

Големото финале на Вимблдон меѓу Ѓоковиќ и Беретини започнува во 15:00 часот.

Најнови вести од
Вимблдон