Ѓоковиќ: Болеста доаѓа поради ментален пад, секој човек треба да биде свој лекар

Новак

Новак Ѓоковиќ и натаму не знае дали ќе добие шанса да игра на првиот сезонски Грен слем турнир во 2022 година, Австралија опен. Српскиот тенисер не открива дали се вакцинирал или не. Надлежните органи во околината на Мелбурн не попуштаат и ќе бараат имунизација на сите учесници на турнирот.

Првиот светски рекет, кој неодамна загуби во полуфиналето на завршниот турнир во Торино, испрати порака преку социјалните мрежи:

„Болеста доаѓа поради ментален пад. Секој човек треба да биде свој лекар. Ако не е тивок внатре, тогаш залудни му се сите лекови и најдобрите лекари. Потсвеста на современиот човек е вознемирена како немирен океан со големи бури. Потсвеста полна со впечатоци ја прави душата немирна. Емоциите потоа зовриваат како вулканска ерупција. Без работа на емоции, духовноста е само кула од карти.

А што е човек без мир во душата? Одделен од Божјата благодат, тој залудно се обидува да најде утеха во материјалните работи. Таму нема утеха, тоа е јама без дно. Повеќе, повеќе, дајте повеќе и конечно повторно празнина. Кога душата ќе стане мирно море, тогаш започнува исцелувањето. Запомнете дека тоа е златното правило. Изворот на повеќето болести е во духот, така што духот може да ги победи повеќето болести“, напиша српскиот ас.

Следен предизвик за Ѓоковиќ ќе биде настапот на Дејвис Купот со репрезентацијата на Србија.