• Зоран Мишевски

Новак Ѓоковиќ го одигра најдобриот меч на Австралија опен досега, докажа дека полека ја подобрува формата и дека од него треба само да се очекува најдобро. Тој утрово со 6-1, 6-4 и 6-4 го совлада Томаш Махач од Чешка.
Србинот немаше проблеми во првиот сет, Махач беше рамноправен противник во само два гема, а потоа Новак одигра брилијантно, освои важни поени, а и сервисот му функционираше на вистински начин. Неизнудените грешки на Томаш Махач му помогнаа на Новак, Чехот имаше и проблеми при сервисот и тоа се одрази на резултатот.
Сепак, на стартот од вториот сет Махач направи брејк, но Новак веднаш возврати. Иако имаше проблеми со дишењето, поради што побара лекарски тајм-аут, Новак се врати и по брза постапка го доби сетот. Најдобриот српски тенисер имаше одличен старт и на третиот сет, веднаш направи брејк, па без загубен поен стигна до 2-0 со неколку фантастични сервиси. Махач парираше колку може, но на крај загуби со 6-4 во третиот сет.
Во осминафиналето Ѓоковиќ повторно ќе се соочи со чешки тенисер, бидејќи Јиржи Лехечка го победи францускиот тенисер Бонзи со 6-2, 6-3 и 6-3.