Гoф: Твитерџии, каде сте? Ги знам сите ваши имиња, ме интересира што ќе кажете сега!

Одличната 19-годишна Американка Коко Гоф го освои УС Опен, откако во финалето ја совлада Арина Сабаленко со 2-6, 6-3, 6-2 и го освои својот прв Грен слем во кариерата. Гоф играше фантастично во текот на турнирот во Њујорк и ја потврди одличната форма оваа сезона, откако триумфираше уште на турнирите во Вашингтон и Синсинати.

Откако го освои последниот поен, Гоф падна на теренот и почна да плаче од среќа. Потоа истрча кај своите родители, а откако го доби посакуваниот пехар ѝ се заблагодари на публиката, но и на сите нејзини критичари, кои ги имало доста.

„Знам дека имаше премногу врева околу мене, но за ништо. Ги прочитав тие коментари. Луѓето мислат дека не ги читам, но многу добро знам што се пишува за тенисот на Твитер. Знам и кој ги напиша тие работи, знам кој зборува глупости и едвај чекам да влезам на Твитер и да видам што се пишува сега.

Благодарам на сите што не веруваа во мене. Пред еден месец победив на турнир од серијата 500 и критичарите рекоа дека е толку од мене. Една недела подоцна победив на турнир од серијата 1.000 и ми рекоа дека не можам подобро од тоа. Три недели подоцна еве, овде сум со овој трофеј. Ви благодарам“, рече Гоф.

Американката со оваа победа освои три милиони долари, а на најновото ВТА ​​рангирање кое ќе биде објавено в понеделник ќе се искачи на третото место.