• Саше Љолес
Шпанецот Карлос Алкараз е првиот финалист на англискиот Вимблдон, откако во полуфиналето го надигра Американецот Тејлор Фриц со конечни 3-1, по сетови 6-4, 5-7, 6-3 и 7-6/6.
Бевме сведоци на голема и прилично изедначена борба. Фриц успеа да го освои вториот сет и израмни на 1-1, но потоа Алкараз успеа да го добие третиот во своја полза со 6-3 во гемови.
Четвртиот сет беше крајно неизвесен, немаше ниту еден брејк на двете страни, па така мораше да биде решен во тај-брејкот. Алкараз водеше со 5-3, но Фриц освои четири поени во серија и дојде до две сет-топки.
Во клучните моменти Американецот ја загуби концентрацијата, а тоа Алкараз вешто го искористи и го заокружи мечот со конечни 3-1 во сетови. Шпанскиот ас се пласираше во третото последователно финале во Лондон и ќе има можност да го брани трофејот од неофицијалното светско тениско првенство.
ФОТО/PHOTO: Wimbledon/Twitter/X


