• Саше Љолес
Славниот швајцарски тенисер, Роџер Федерер, уште еднаш ја искажа својата почит за Новак Ѓоковиќ и во разговор со медиумите изјави дека Србинот има огромни шанси да го освои златниот медал на Олимписките игри во Париз.
Иако Ѓоковиќ се рехабитилира од повредата, Федерер смета дека тој ќе биде целосно подготвен за Игрите во Франција и очекува голема борба за најсјајното одличје.
„Новак е во поодмината возраст, но уште прикажува феноменални партии. Тој самиот изјавуваше дека сезонава приоритет му се Олимписките игри и јас очекувам да го видиме неговото најдобро издание токму таму.
Во Париз ќе има жестока конкуренција и сите ќе сакаат да го допрат златото, но мислам дека Ѓоковиќ има најголеми шанси од сите. Можеби некој нема да се согласи со мене и ќе рече дека сум луд, но убеден сум дека неговиот фокус е комплетно посветен на Олимписките игри“, вели Федерер.
Ѓоковиќ дефинитивно ќе го прескокне учеството на овогодинешниот Вимблдон. Српскиот ас успешно заздравува од повредата на коленото и наскоро се очекува да се врати во целосен тренажен процес.