Федерер: Тој период им припадна на Новак и Рафа, ми беше тешко да освојам Грен слем...

Федерер Надал Ѓоковиќ

Роџер Федерер стои на врвот меѓу тенисерите со најмногу Грен слем титули во кариера. Бројката можеше да биде уште повисока, ако швајцарскиот ас освоеше уште некој трофеј во празниот период од 2012-2017 година.

Во тие пет години, еден од најдобрите играчи на сите времиња беше во сенка на своите ривали и не освои ниту една титула на големите турнири.

„Искрено, мислам дека тоа беше период на Новак и Рафа. Ми беше многу тешко да освојам Грен слем титула покрај нив двајца во таква форма. Луѓето зборуваа дека играв ужасно, но јас не мислам така. Сметам дека ривалите беа во подобар период од кариерата од мене“, изјави 38-годишникот од Базел.

Паузата од коронавирусот му годи на Федерер, кој има доволно време да одмори и да собере сили за да приреди уште некое изненадување во овој завршен дел од тениската кариера.

Борбата на тениските терени се очекува ќе продолжи во наредните неколку месеци, кога АТП и ВТА ќе донесат конечна одлука околу завршницата од сезоната.