Федерер станува минато во март, Ѓоковиќ обезбеди рушење на неговиот епски рекорд

АТП

Новак Ѓоковиќ ѝ кажа збогум на 2020 година со пораз на завршниот турнир во Лондон. За него тоа беше четврт неуспех во цела календарска година, која ја заврши со 41 победа, колку што има и Русинот Андреј Рубљев.

На крајот од годината Србинот ќе биде на врвот на АТП листа, шести пат во својата кариера. Поради начинот на бодување во наредниот период, предизвикан од пандемијата, тој си обезбеди лидерска позиција дури до март.

Токму тогаш се очекува да падне епскиот рекорд на Роџер Федерер по бројот на недели минати на челната позиција на светскиот тенис. Швајцарскиот ас има 310 недели зад своето име и има само девет недели предност во однос на својот ривал.

Се работи за престижен рекорд кој е важен за српскиот тенисер, кој посакува да достигне уште една бројка на Федерер, која ја дели со Рафаел Надал. Тоа е бројот на освоени Грен слем титули (20), за што ќе му требаат уште три победи.

Првата шанса ќе ја има на омилениот турнир во Австралија, кој би требало да се одржи според планираниот распоред во јануари наредната година.