Федерер се пожали на ветрот: Се трудев само да не изгледам смешно

Федерер Роџер

Тенискиот ветеран Роџер Федерер ги заврши настапите на Ролан Гарос во полуфиналната фаза.

По четири години пауза, Швајцарецот одново заигра во Париз и по серијата победи, беше сопрен од шпанскиот ривал Рафаел Надал. Условите за игра беа лоши, ветрот беше проблем во текот на целиот меч, а на тоа се пожали и тенисерот од Базел.

„Во еден момент бевме среќни ако го вратиме топчето во терен. Толку беше лошо. Јас се обидував со сите сили да не изгледам смешно. Не мислам дека играв лошо, со оглед на ветрот. Рафа е најдобриот на земја на сите времиња, така да овој пораз не ми е проблем.

Публиката беше одлична на овој турнир, мило ми беше што се вратив тука. На крај сум задоволен од постигнатиот успех и остварениот резултат. Дури и изненаден од конечниот пласман“, изјави 37-годишникот.

Надал ќе игра за титулата број 12 во главниот град на Франција, што е апсолутен рекорд во историјата на овој турнир.