Федерер откри за кого ќе навива на АО: Тој ќе доминира со машкиот тенис!

Швајцарската тениска легенда, Роџер Федерер, повторно е во центарот на вниманието на спортската јавност, овојпат со својата поддршка за Карлос Алкараз на Австралија Опен. Иако одамна ја заврши професионалната кариера, Швајцарецот внимателно ги следи случувањата во светот на тенисот и не крие дека е импресиониран од младиот Шпанец.

Федерер истакна дека Алкараз има сè што е потребно за да доминира на највисоко ниво - енергија, ментална цврстина и неверојатен талент. Според него, Мелбурн е голема шанса за Алкараз да направи уште еден историски чекор и да ја потврди својата позиција како лидер на новата генерација тенисери.

„Навивам за Карлос. Мислам дека ќе биде убедливо најдобар во светот. Тоа ќе го докаже со секоја измината година. Одамна немам видено тенисер кој постојано напредува.

Има одлична визија на теренот, а за менталната подготовка не треба ни да зборуваме. Неговиот стил, техника, брзина и квалитет се нешто навистина неверојатно. Сакам да го видам со трофејот во рацете“, рече Федерер. 

Во својата изјава, Федерер се осврна и на современиот машки тенис, нагласувајќи дека ривалствата меѓу младите ѕвезди носат свежина и возбудливи натпревари.

Тој смета дека токму тие дуели се добри за спортот и ја одржуваат високата популарност на тенисот по заминувањето на големите имиња од минатите петнаесетина години.