Федерер обвинет за мамење на вчерашното финале против Надал

Некогашниот австралиски тенисер, Пет Кеш, го обвини Роџер Федерер за мамење на финалниот меч против Рафаел Надал. Федерер вчера славеше голема победа над својот најлут ривал за рекордна 18. Грен слем титула, а Кеш смета дека медицинскиот тајм-аут, кој го побара Федекс пред одлучувачкиот, сет иако тоа е легално барање, не е фер одлука. 

„Не го прекинувајте маратонот доколку сте уморни. Ваквите потези АТП мора да ги казнува. Иако тоа е легално барање, не е фер да мамиш на таков начин“, вели Кеш. 

На оваа изјава на австралискиот тенисер, не остана рамнодушен Федерер и веднаш му одговори: 

„И јас мислам дека не треба да се злоупотребуваат правилата, но неговата изјава е претерана. Јас сум тенисер кој ретко бара медицинска помош, па така не знам што зборува тој“, одговори Федерер. 

Ова не е првпат Кеш да упати јавни критики кон Федерер, но тие дефинитивно како да му одговараат на Швајцарецот, бидејќи во Мелбурн одигра перфектен турнир и потсети на неговите најдобри денови.