Роџер Федерер не игра на Австралијан Опен поради – Мирка и децата!?

Еден од најдобрите тенисери во историјата, Роџер Федерер, нема да игра на првиот Грен Слем турнир во новата сезона, Австралијан Опен. Првично беше соопштено дека се работи за повреда, арно ама, според последните информации, ситуацијата е друга.

Популарниот Федекс беше повреден, образложението за откажаниот настап на АО беше дека не е во форма и дека уште ја влече повредата, арно ама Андре Са, поранешен бразилски тенисер, а сегашен член на Австралиската тениска федерација, кажа нешто друго.

„Зборував со Федерер пред месец дена и имаше две реални опции. Можеше да дојде во Австралија со целото семејство и заедно да бидат во карантин, или да дојде без Мирка и децата.

Доколку се решеше на првата опција, проблем е тоа што сопругата на Роџер и децата немаше да можат да ја напуштат хотелската соба и да ги минуваат деновите меѓу четири ѕида. Само играчите може да одат на натпреварите и на тренинзите, семејството не. 

Втората опција, пак, таа е доколку Федерер одлучеше да дојде во Австралија без семејството, тогаш ќе беше далеку од нив пет недели. Самиот Федерер ми кажа дека има 39 години и 20 Грен Слем титули и едноставно не сака да биде толку долго оддалечен од сопругата и децата“, изјави Са.

Сопругата на Роџер Федерер има многу големо влијание на кариерата на Швајцарецот и одлуките за сите работи ги носат двајцата. Федерер на вечната листа по број на Грен Слем титули е на врвот со 20 трофеја, исто колку што има и Рафаел Надал.