Федерер: Ми требаше време да научам да се однесувам како шампион

Федерер

Роџер Федерер полека се подготвува да направи кам-бек на тениските терени. Операцијата на коленото за него е минато, а најавите се дека ќе започне да се натпреварува на почетокот од новата година.

Во разговор со Бјорн Борг и Тим Нехман, шампионот од Базел зборуваше за повеќе теми, меѓу кои и најдобрите млади играчи кои некогаш се појавиле.

„Мене ми требаше повеќе време за да сфатам што значи да се биде шампион. Поради тоа Бјорн Борг и Рафаел Надал се најдобрите млади играчи на сите времиња. Тие од самиот старт имаа перфектно однесување на теренот. Јас морав да поминам низ некои работи за да започнам да се однесувам како нив“, изјави швајцарскиот ас.

Наредната година завршниот турнир ќе се игра во Торино, наместо во Лондон. Тоа за Швајцарецот не претставува никаков проблем, бидејќи се работи за еден од неговите омилени турнири.

„За мене тоа не менува ништо. Јас би играл и да се игра на месечината. Се работи за престижен турнир кој секогаш бил важен за мене“, рече Федерер.

Рекордите на 20-кратниот Грен слем шампион полека паѓаат во рацете на Новак Ѓоковиќ. Тоа е мотивација да се врати посилен, и иако се наоѓа на крајот од својата кариера, да се обиде да се врати на самиот врв на светскиот тенис.