Федерер го нема, Мелбурн е домот на Ѓоковиќ и Грен слем кој Надал најмалку го сака

Утре и официјално стартува новата Грен-слем сезона. Како и секоја година, така и сега, најдобрите тенисери и тенисерки на светот силите ќе ги одмерат на Отвореното првенство во Австралија. 

Домаќин на овој голем турнир ќе биде Мелбурн – местото кое се смета за тениската куќа на Новак Ѓоковиќ. Осумте титули кои досега ги собрал српскиот ас се рекорд на овој Грен слем, а со оглед на ситуацијата и ривалите, токму тој е и првиот фаворит за трофејот и оваа година. Овосезонскиот Австралија Опен има дополнителна тежина за првиот рекет во светот. Тој стои на 17-Грен слем трофеи, а двајцата најлути ривали Роџер Федерер и Рафаел Надал по ланскиот Ролан Гарос се рамо до рамо со по 20 трофеи. Ѓоковиќ минатата сезона пропушти шанса да им се доближи на големите ривали, особено на УС Опен, каде го немаше ниту Надал, ниту Федерер, но направи глупост и беше дисквалификуван. 

Затоа, собирот во Мелбурн е од големо значење за српскиот тенисер, бидејќи е во поволна ситуација повторно да ги израдува своите фанови. Федерер го нема, а Надал сè уште е без настап оваа сезона, поради повреда на грбот.

Ако ситуацијата со повредата и подготвеноста на најдобриот шпански тенисер сè уште е непозната, тенисерите кои секогаш се во сенка на „големата тројка“ и тоа како фаќаат ритам. Пред сè се мисли за Русинот Данил Медведев, кој моментално го игра својот најдобар тенис во кариерата, а во одлична форма се и Рубљев, Тием и Зверев. Првото коло на Австралија Опен стартува утре, а највозбудлив натпревар се очекува да биде балканското дерби меѓу Марин Чилиќ и Григор Димитров.