Федерер го надигра и Чориќ за четвртфинале во Рим

Федерер

На голема радост на публиката во Рим, Роџер Федерер избегна елиминација и стигна до четвртфиналето.

Големи проблеми денес му направи младиот Борна Чориќ кој го доби првиот, но потклекна пред ветеранот во следните два сета (2-6, 6-4, 7-6/7).

Хрватот започна фуриозно и со два брејка најави тежок ден за швајцарскиот ас. Сепак, Федерер се консолидира и заигра подобро во продолжението. Тој не дозволи брза елиминација и го освои вториот сет, а се врати по висока негатива и во тај-брејкот во третиот сет.

Откако ги врати неколкуте загубени сервиси, 37-годишникот од Базел направи серија од 4-1 и стигна до конечни 9-7.

Во следното коло противник ќе му биде подобриот од дуелот Циципас и Фоњини.