• Сашо Поповски

Тениските фанови ширум светот посакуваат Новак Ѓоковиќ да биде дел од овогодишниот УС Опен. Најверните навивачи на српскиот ас „ископаа“ начин како тој може легално да влезе на територијата на Соединетите Американски Држави.
Според официјалните информации, Србинот не може да влезе во Соединетите Американски Држави. бидејќи не е вакциниран, но тоа би можел да го направи преку Бахамите. Сè што треба да направи е да слета на еден од островите, а потоа да земе брод до Флорида, бидејќи во оваа држава може да се влезе без доказ за вакцинација, кога патувате со траект или брод.
Мала е веројатноста дека Ѓоковиќ ќе го направи ова. Особено по трауматичното искуство на почетокот од годината во Австралија. Одбивањето да се имунизира против ковид-19 го оневозможи да ја брани титулата на турнирот во Мелбурн во јануари.
Ова е доказ дека фановите се очајни во обидот да пронајдат начин кој ќе помогне српскиот тенисер да се појави на терените во Њујорк.