Еве кога Ѓорческа ќе ја дознае ривалката и кога ќе го игра првото коло на Вимблдон! 

Нашата најдобра тенисерка Лина Ѓорческа испиша историја и стана првиот македонски претставник на еден голем тениски собир. Тетовчанката за првпат во својата кариера ќе игра со најдобрите на светот, откако обезбеди учество на еден Грен слем и тоа не на кој било, туку на најпрестижниот – Вимблдон.

Со денешната победа над фаворизираната Италијанка Лусија Бронцети со 2-0 во сетови, Ѓорческа се избори за главниот турнир на „Олд Ингланд Клаб“, а противничката за во првото коло ќе ја дознае утре. За во петок во 11 часот по средноевропско време е закажана ждрепката за ВТА турнирот на Вимблдон, по што ќе биде познато против која тенисерка Лина ќе го одигра својот историски прв Грен слем натпревар.  Првото коло од Вимблдон се игра на 29 и 30 јуни.

Инаку, претходно Ѓорческа најблиску до Грен слем настап беше во 2017 година, кога беше сопрена во последното квалификациско коло на Австралија Опен.