Еванс се „правда“ дека не го нападнал Ѓоковиќ за однесувањето во Монте Карло

Даниел Еванс на Мастерсот во Монте Карло ја забележа својата најголема победа во кариерата, затоа што во рамки од второто коло беше поуспешен од првиот рекет на светот, Новак Ѓоковиќ.

Веднаш по завршувањето на тој меч, Британецот имаше забелешка на однесувањето на српскиот ас, поради тоа што го чекал заедно да излезат на терен.

„Ѓоковиќ ме натера да останам подолго во соблекувалната. Тоа ме налути, но и ме мотивираше“, призна Еванс, алудирајќи дека однесувањето на Новак е несоодветно.

Меѓутоа, набрзо потоа се предомисли.

„Тоа беше само шега. Точно е дека ми рекоа дека ќе морам да чекам, што и се случи, но не беше страшно“, рече Еванс.

Еванс изненадувачки стигна до полуфиналето на Мастерсот во Монте Карло, во кое лесно загуби од Стефанос Циципас со 6-2, 6-1.