• Иван Димовски
Италијанскиот тенисер Јаник Синер по епски пресврт и голем трилер го доби финалето на Австралија Опен против Данил Медведев со 3-2 (3-6, 3-6, 6-4, 6-4, 6-3). По три часа и четириесет и пет минути игра Синер го комплетира пресвртот и го освои својот прв Грен слем трофеј во кариерата.
Мечот тргна лошо за италијанскиот ас, кој не успеваше да го пронајде својот ритам. Данил Медведев играше на врвно ниво, сервираше одлично и ги користеше своите шанси, рано направи брејк, а потоа со вториот го затвори сетот (6-3). Слично се играше и во вториот сет, со тоа што Синер почна да се буди и пружаше поголем отпор. На средината на сетот тенисерите си разменија брејкови, а Медведев кој имаше еден повеќе успеа пак да дојде до 6-3 и двојна предност во финалето.
Третиот сет беше круцијален за двајцата тенисери. Русинот играше за да го затвори мечот неочекувано рано, додека италијанскиот ас се бореше за да остане во мечот. Се играше израмнето сè до крајот, а со единствениот брејк Синер успеа со 6-4 да се врати до 2-1 во сетови. Четвртиот сегмент беше како пресликан со претходниот, бидејќи одново ниту еден тенисер не грешеше на свој сервис до самиот крај. Одново Јаник Синер успеа да направи брејк во најважниот моменти, па со 6-4 повторно донесе егал и петти одлучувачки сет.
Медведев кој беше поистоштен од помладиот ривал се одржуваше во мечот. Моментумот беше на страната на Синер, а Италијанецот ја имаше и поддршката од гледалиштето. По израмнетиот старт на одлучувачкиот сет, Синер успеа да ја искористи втората брејк-можност и да поведе со 4-2. До крајот на сетот 22-годишникот не дозволи враќање на Медведев, па веднаш по првата меч-топка го затвори мечот во своја корист со 6-3.
Синер стана првиот Италијанец по пауза од 48 години кој се радува на Грен слем трофеј.