Емотивната Швјонтек: Можев да испаднам во второто коло...

Првата светска тенисерка на ВТА рангирањето потврди дека е најдобра освојувајќи го Ролан Гарос. Ига Швјонтек беше подобра од Јасмине Паолини и тоа убедливо во битката за трофејот во Париз. 

По победата во финалето, Швјонтек не можеше да ги сокрие своите емоции и зборуваше низ солзи.

„Секоја чест на Паолини за неверојатниот турнир. Изненадена сум како одигра во изминатите две седмици. Сакам да му се заблагодарам на мојот тим, на мојата земја за поддршката и на семејството без кое не би била тука. Благодарам за поддршката. Среќна сум што сум тука од година во година. 

Можев да испаднам уште во второто коло, но верував во овој успех. Ова беше емотивен турнир за мене. Многу ми значи победата тука, имав надреален турнир. Почнувајќи од дуелот со Осака наваму беше неверојатно... Горда сум на себе, очекувањата и притисокот беа високи, а среќна сум што успеав“, изјави Швјонтек.

За Швјонтек ова беше четврта титула на Ролан Гарос, а вкупно во кариерата има пет големи трофеи.