Нов спектакл една година подоцна: Надал и Ѓоковиќ ќе го одиграат 51. меѓусебен дуел

Ноле Рафа

Едно од најголемите ривалства во поновата историја на тенисот е она помеѓу Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал. Популарното „Ел Класико“ во тенисот денес ќе ја добие 51. епизода и тоа во полуфиналето на АТП турнирот во Рим.

Шпанецот е голем фаворит на денешниот меч откако вчера се намачи и покажа слабост, но со пресврт го победи домашниот тенисер, Фабио Фоњини. Од друга страна, српскиот тенисер конечно врза неколку добри резултати во низа и по подолго време се најде во завршница на еден турнир. Тој го совлада Кеи Нишикори вторпат во две недели и закажа нов спектакл за тениските фанови против својот лут ривал.

Последниот директен дуел се случи пред точно една година, во полуфиналето во Мадрид. Таму Рафа славеше со сигурни 6-2, 6-4 со што стави крај на серијата на седум последователни порази од Србинот. Меѓутоа, од тој момент до денес многу работи се променија, Ѓоковиќ игра далеку од посакуваната форма, па денешниот меч во Рим не би требало да претставува проблем за „кралот“ на земја.

Надал има мала предност во меѓусебните дуели (26-24), а денешното полуфинале е на програмата од 14.30 часот.