„Еден терен на Ролан Гарос треба да го носи името на Рафаел Надал“

Поранешната олимписка тениска шампионка, Моника Пуиг, даде интересна изјава поврзана со Шпанецот Рафаел Надал и неговото наследство на францускиот Грен-Слем, Ролан Гарос. 

Пуиг смета дека организаторите треба да покажат огромна почит за 14-кратниот освојувач на турнирот и очекува еден од терените во Париз да го носи токму неговото име. 

„Мислам дека светот лесно заборава што направи Надал на Ролан Гарос. Тој заслужува највисоки почести, треба еден од терените да го носи неговото име, а зошто да не и некој нов стадион во градот. Не само поради неговите квалитети како тенисер, туку најмногу поради тоа што е исклучително добар човек“, рече Пуиг. 

Надал минатата година ја заврши блескавата кариера, а неодамна изјави дека повторно би сакал да учествува на егзибициони и ревијални турнири.