• Саше Љолес

Легендарниот пензиониран тенисер Џон Мекинро за американските медиуми го најави овогодинешниот Ролан Гарос и рече дека турнирот навистина ќе биде „сиромашен“ без учеството на Рафаел Надал.
Седумкратниот Грен Слем освојувач зборуваше искрено и рече дека Надал направил правилна одлука со недоаѓањето во Париз, за да може комплетно да се фокусира на рехабилитацијата од повредата што го мачи. Мекинро исто така го спореди Надал со Леброн Џејмс и рече дека двајцата се спортски феномени кои треба во иднина да бидат проучувани од експертската јавност.
„Надал и Леброн за мене се многу слични. Погледнете го нивниот перформанс откако наполнија 35 години. Повеќето спортисти на оваа возраст се пензионираат, „кукаат“ од болки, одат кај доктори секој ден и се подготвуваат за живот без спортот, но овие двајца се навистина редок феномен.
Тие во доцната фаза на кариерите прикажаа некои спектакуларни партии и освојуваа трофеи кога сите почнаа полека да ги „отпишуваат“. Знам дека се работи за различни спортови и комплетно поинаква физичка подготовка, но сепак, сметам дека Надал и Леброн треба да бидат медицински проучувани, нивните тела издржаа неверојатен напор во текот на две децении“, заклучи Мекинро.
Рафаел Надал дефинитивно ќе ги пропушти следните два Грен Слем турнири во Париз и Лондон. Во отсуство на Шпанецот, фаворит број еден за титулата ќе биде Новак Ѓоковиќ, но Џон Мекинро не смета дека Србинот ќе има премногу лесна задача, затоа што и другите тенисери играат во одлична форма.