Дуелот на титаните за Федерер: „Стариот лисец“ го надигра Ѓоковиќ и го испрати дома

Роџер Федерер со камата го наплати болниот пораз во финалето на Вимблдон од пред неколку месеци и го исфрли големиот ривал Новак Ѓоковиќ од завршниот Мастерс во Лондон. Брилијантниот 38-годишен швајцарски ас одигра неверојатно во „О2 Арената“, со 2-0 во сетови го порази големиот ривал и сосема заслужено се пласира во полуфиналето на престижниот Мастерс.

Дуелот на титаните стартуваше со неочекуван брз брејк на Федерер уште во третиот гем. Критиките за слабата игра на дуелите против Тием и Беретини на претходните два меча, како да го мотивираа Федерер моќно да го отвори мечот со големиот ривал. Веднаш го потврди освоениот гем на противнички сервис и си создаде позитива која искусно ја чуваше до самиот крај на првиот сет, кој го освои со 4-6, за само 35 минути игра. 

„Стариот лисец“ тргна фантастично и во вториот сет, уште во првиот гем имаше две брејк топки, но Ѓоковиќ остана смирен и успеа да излезе од незгодната ситуација и поведе со 1-0. Но, не беше таква ситуацијата во петтиот гем, кога Федерер одлично го казни очајниот сервис на противникот, ја искористи втората брејк топка и поведе со 3-2. Загубениот гем на свој сервис дополнително ја влоши играта на Ѓоковиќ, кој продолжи со грешките и заслужено остана без шанси на овој меч и загуби со 2-0 во сетови (6-3).

Од групата А место во полуфиналето обезбеди и 26-годишниот Доминик Тием од Австрија, кој денес не одигра на ниво и загуби од Бератини со 2-0 во сетови.