• Горан Упале
Индијан Велс има нов и неочекуван шампион. Џек Дрејпер од Велика Британија го забележа најголемиот успех во кариерата откако триумфираше на првиот овосезонски Мастерс од 1.000 серијата.
Актуелниот светски рекет број 14 во финалето го победи Данецот Холгер Руне , добивајќи го во два доминантни сета, со 6-2, 6-2. Со тоа Британецот потврди дека победата над Карлос Алкараз во полуфиналето не беше само одличен ден, и дека моментално игра во фантастична форма и заслужено стигна до престижниот трофеј.
„Како млад ги гледав сите шампиони што играле на овој голем терен. Неверојатно е чувството да се биде овде. Загубив овде минатата година и се чувствував навистина непријатно додека играм. Се мачев со мојот сервис, не се чувствував како да ја контролирам играта и топчето. Исто така, ментално се загубив во тој меч минатата година, па знаев дека доаѓањето оваа година ќе биде предизвик“, рече емотивниот Дрејпер.
Двата брејка во двата сета донесоа триумф вреден 1.000 АТП поени и убава парична награда. Руне на теренот издржа само 70 минути и својата шанса за нов трофеј ќе ја продолжи во Мајами, каде ќе се одржи вториот овосезонски Мастерс.