Доминацијата продолжува: „Големата тројка“ освои 54 од последните 63 Грен слем турнири

Надал Федерер Ѓоковиќ

Долго време со заборува за „новата генерација“ тенисери, но ниту на првиот голем турнир во новата сезона еден од тенисерите кои треба да бидат иднината на спортот не успеа да ѝ застане на патот на „големата тројка“. 

Новак Ѓоковиќ покажа колкава е разликата и натаму меѓу него, Рафаел Надал и Роџер Федерер во однос на младите играчи. До финалето се чинеше дека Данил Медведев ќе има што да каже, но на крај загуби во три сета и го „положи оружјето“, запишувајќи го првиот пораз во новата година.

Со победата на Србинот, продолжи доминацијата на најдобрите тројца тенисери во историјата. Тие победија на десет од последните единаесет Грен слем турнири. Исклучок беше триумфот на Доминик Тием во Њујорк.

Ѓоковиќ, Надал и Федерер победиле на 54 од последните 63 големи турнири, што е само потврда дека младите тенисери не се подготвени да застанат на тронот.

Следува Ролан Гарос, што е секако терен на кој најмногу се очекува од Надал. Во конкуренција се враќа и Федерер, по пауза од една година поради повреда, па работата за „новата генерација“ станува уште потешка...