• Саше Љолес
Францускиот тенисер Гаел Монфилс, се најде во непријатна ситуација откако беше обвинет дека со намера го повредил супервизорот на АТП турнирот во Осло, Стефан Апостолу.
Според медиумите, двајцата имале жесток разговор во соблекувалните, а во еден момент супервизорот се нашол на подот и потоа го обвинил Монфилс дека го турнал на земја. Французинот се огласи на социјалните мрежи и се обиде на мирен начин да ја реши ситуацијата.
„Би сакал јавно да кажам дека наводите за агресија од моја страна се неточни. Немаше насилство и немаше никаква тепачка, никогаш не сум имал намера никого да повредам. Ние разговаравме како пријатели, а повредата на Стефан дојде сосема случајно.
Тој самиот знае дека јас немав намера да го повредам, но организаторите решија да ме дисквалификуваат. Тие мислат дека така ја решија ситуацијата, но само направија непотребна драма околу овој несреќен случај“, изјави Монфилс.
Реакцијата на Монфилс доаѓа откако беше нападнат во јавноста за неговата наводна агресија врз супервизорот и дел од организацијата. На егзибициониот турнир во Осло учествуваат големи светски ѕвезди како Алекс де Минер, Каспер Руд и Андреј Рубљев, а местото на Гаел Монфилс го зазема неговиот сонародник, Лука Пуј.