• Иван Димовски
Рускиот тенисер Данил Медведев повторно не се прослави во финалето на Австралија Опен, каде што го претрпе својот трети пораз. Ако првиот беше „безболен“ од Новак Ѓоковиќ со убедливи 3-0, вториот и третиот кои се слични се доста болни за Русинот.
Медведев имаше „дежа-ву“ од 2022 година, бидејќи исто како и тогаш, во финалето водеше со 2-0 и потоа ја испушти победата. Тогаш против Рафаел Надал рускиот ас дојде до двојна предност, а Шпанецот потоа се разбуди и режира пресврт.
Денес Медведев изгледаше одлично на почетокот на мечот во воведните два сета кои ги доби со по 6-3. Сепак, потоа порасна уморот, Синер го издржа клучниот трети сет и успеа двапати со по 6-4 да дојде до егал. Во решавачкиот сегмент Италијанецот имаше повеќе енергија, со еден брејк го реши во своја корист (6-3) и го крена првиот Грен слем трофеј.
Во Мелбурн досега Медведев трипати губеше финалиња, а единствениот голем трофеј го има на единственото друго финале - во Њујорк на УС Опен во 2021 година.