Дел Потро за Ѓоковиќ: Не си само најдобар тенисер, туку и најдобар човек

Аргентинскиот тенисер Хуан Мартин Дел Потро упати пофални зборови за Новак Ѓоковиќ и за медиумите во својата земја изјави дека Србинот е „човек каков што ретко се раѓа“. 

Ѓоковиќ присуствуваше во Буенос Аирес на последниот меч во кариерата на Дел Потро, а после настанот доби навистина огромни комплименти за неговите успеси и општо за сите негови потези во животот. 

„Драг Новак, немам зборови со кои можам да ја опишам мојата благодарност за сите работи што ги направи за мене во текот на сите овие години. Ти благодарам што ја прифати понудата да бидеш дел од мојот последен натпревар и неизмерно го ценам тоа. Секогаш покажуваше голема почит за мене и мојот начин на игра. 

Ти не си само најдобар тенисер во историјата, туку и најдобар човек кој сум го запознал. Твоите успеси се неверојатни и затоа ми е многу драго што го сподели овој момент со мене. Им благодарам на сите што беа тука, публиката се забавуваше и вистински уживаше“, рече Аргентинецот. 

Дел Потро ја заврши својата богата тениска кариера со вкупно 22 освоени трофеи во сингл-конкуренција, а меѓу нив има и еден трофеј од Грен-Слем турнирите.